Полскиот премиер Доналд Туск денес изјави дека Соединетите Американски Држави се согласиле да распоредат свои сили во Украина како дел од безбедносните гаранции по постигнувањето мировен договор. Изјавата ја даде по разговорите со лидерите на клучните европски земји, канадскиот премиер, челниците на европските институции и генералниот секретар на НАТО, објави полскиот портал RMF24.
Туск рече дека на состанокот бил оценет исходот од првата фаза на „многу сериозни преговори“ во кои учествувале лидерите на Украина, Европа, САД и Канада.
„Мирот е на повидок“, изјави Туск, додавајќи дека постои можност договорот да биде постигнат во рок од неколку недели. Како основа за ваквиот оптимизам, тој ја наведе изјавата на САД за подготвеност да учествуваат во безбедносните гаранции за Украина по склучувањето на мировниот договор.
Според полскиот премиер, тие гаранции би можеле да вклучуваат и присуство на американски сили, на пример на границата или долж линијата на разграничување меѓу Украина и Русија. Тој нагласи дека вакви јасни и недвосмислени изјави од американска страна се појавуваат за првпат, но оти останува да се види колку тие ќе бидат доследно спроведени.
Во меѓувреме, францускиот претседател Емануел Макрон најави дека на почетокот на јануари во Париз ќе се одржи состанок на Коалицијата на доброволци, на кој земјите ќе ги дефинираат конкретните придонеси во системот на безбедносни гаранции за Украина.

