Турската национална авиокомпанија „Туркиш ерлајнс“ ќе ѝ го префрли сопствеништвото на модифициран авион „Ербас А319-115J“ на Владата на Албанија, во рамки на билатерален договор за грант, како дел од напорите за унапредување на дипломатските и економските односи меѓу двете земји.

Станува збор за авион вреден 11,9 милиони долари, регистриран под ознаката TC-GVC, со сериски број 1002, произведен во февруари 2000 година, кој и понатаму останува целосно сертифициран за летачки операции. Договорот е објавен денеска во Службен весник, пренесуваат албанските медиуми, повикувајќи се на „Туркије тудеј“.

Во билатералниот договор се наведува дека донацијата има цел да ги зајакне „пријателските односи и блиската соработка“ меѓу Турција и Албанија, воспоставени со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 1992 година. Двете страни изразуваат подготвеност за понатамошно продлабочување на соработката, вклучително и во областа на техничката и одбранбената поддршка.

„Договорот ја одразува заедничката посветеност на двете земји за продлабочување на институционалните партнерства во цивилното воздухопловство, одбранбената логистика и пошироките стратешки сектори, а воедно служи и како симболичен гест на поддршка на Турција за напорите на Албанија за регионален развој и интеграција“, оценува „Туркије тудеј“.

Авионот ќе ѝ биде испорачан на албанската Влада без никаква финансиска обврска, при што Турција ќе ги покрие и трошоците поврзани со неговиот трансфер.

Exit mobile version