Тупанчески: Инсуфициентноста на судиите и јавните обвинители е комплексна проблематика, во опција имаше три решенија

Министерот за правда Никола Тупанчески вели дека инсуфициентноста на судиите и јавните обвинители е комплексна проблематика и оти за тоа во опција имало три решенија. Според него, доколку не бидат изгласани измените и дополнувањата во Законот за работни односи, на 60-тина судии и 13 јавни обвинители ќе им престане работниот век.

-Се работи за комплексна проблематика која што има генеза. Јас ќе се обидам во една реченица да сублимирам. Значи, имаше неколку решенија како да се реши природната инсуфициентноста на судии и јавни обвинители во македонската држава. Тоа значи дека доколку не бидат изгласани овие измени и дополнувања во Законот за работни односи, на 60-ина судии и 13 јавни обвинители ќе им престане работниот век, истакна Тупанчески на денешниот Регионален форум на тема „Хашката конвенција 2019-Очекувања за Западен Балкан”.

Тој посочи дека едниот предлог за решавање на актуелниот проблем бил да се даде можност на лица коишто имаат одредено искуство во сферата на правосудството како што се адвокати, стручни соработници со пократка обука да бидат дел или да бидат решение од овој проблем.

–  Втората опција беше да се зголеми бројот на слушатели на Академијата за судии и јавни обвинители, исто така некој вид на бајпасирање на актуелната состојба и третата опција беше оваа со измени на Законот за работни односи меѓу другото да се продолжи, меѓутоа потенцирам да се продолжи три години работниот век на судиите и јавните обвинители. Ова го велам затоа што првпат во историјата на државата се случува во еден ваков момент олкав голем број на судии и јавни обвинители да одат во пензија, рече Тупанчески.

На новинарско прашање дали се пропаднати сите три споменати опции, министерот Тупанчески одговори дека прекинување на собраниска седница не значи дека е завршена, но, како што рече, во таа насока се движат состојбите.

– Последното што го слушнав е дека седницата е прекината. Прекината седница не значи завршена седница. Јас повторно велам, не знам како ќе се одвива денешниот ден, нели во 11 часот е закажана седница за интерпелација на спикерот. Меѓутоа, дефинитивно во таа насока се движат состојбите. Тоа ќе значи дека ќе има, реков, се работи за комплексно прашање кое што има сериозни импликации. Сериозни импликации затоа што одењето во пензија на судиите и јавните обвинители ќе значи дека голем дел од постапките ќе треба да почнат одново. Да не заборавиме, не се работи за една или за две постапки кога се менува судијата во постапката тогаш процесот започнува одново. Реков, не знам колкав е во моментов бројот меѓутоа не е мал. Тоа е првата работа. Да не заборавиме, тука се разбира како даматлов меч ни виси институтот на застареност, дел од постапките коишто се во тек или кои што се движат може да имаат одредена застареност во однос на нивниот правен епилог, рече тој.  

На новинарско прашање дека ова законско решение ќе ги обврзува дека треба да останат до 67 години, Тупачески истакна дека ако ригидно се толкува законот тогаш многу експлицитно е Законот за работни односи со 30 јуни практично завршува работниот век, и според него, секое друго толкување би било надвор од нормално.

30.06.2022 - 11:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега