Трката почнува: Кој ќе биде новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ

 

Оставката на Груевски и одлуката за свикување на нов партиски Конгрес официјално ја отвори и трката за нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Според партискиот статут, секој кој ќе ја обезбеди поддршката од 30 делегати на партискиот Конгрес може да влезе во изборната трка. Рокот за собирање на потписите истекува на 21 декември.
Официјални кандидатури се уште нема но во јавноста се профилираат неколку имиња.

Антонијо Милошоски е роден во Кичево и има 41 година. Тој е доктрант на политички науки на универзитетот во Дујсбург, Германија. Има богата политичка и партиска биографија. Во неколку мандати бил пратеник во Собранието а претходно работел и како шеф на кабинетот на тогашната вицепремиерка Доста Димовска и како портпарол на Владата. Во ерата на Груевски Милошоски беше и Министер за надворешни работи а се памети и неговата улога во победата на Македонија над Грција во процесот кој го поведе пред меѓународниот суд на правдата во Хаг. Важи за политичар со десничарски ставови. Член е на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во последните 12 години

Илија Димовски има 37 години, потекнува од Велес и по професија е правник. Најголем дел од својот политички стаж го минува како пратеник во Собранието, каде во последните мандати е задолжен и да ја координира пратеничката група. Немал функција во извршната власт. Во партијата со години е член на извршниот комитет. Најмлад е меѓу кандидатите чии имиња се поврзуваат со трката за избор на нов лидер. Поседува исклучителни ораторски вештини а долги години го раководеше партискиот Центар за комуникации.

Никола Попоски е дел од новите лица во ВМРО-ДПМНЕ. Има 40 години и роден е во Скопје. Има две магистратури на скопскиот универзитет и на колеџот во Бриж, Белгија. Голем дел од својата професионална кариера ја поминал во странство а во 2010 станува амбасадор во Брисел. Година дена подоцна е избран за Министер за надворешни работи, а во 2016 и за вицепремиер. Важи за умерен десничар.

 

И генералниот секретар на партијата Христијан Мицкоски е дел од новиот бран во ВМРО-ДПМНЕ. Пред актуелната функција немал позначителни партиски функции иако е дел од партијата повеќе од 14 години. Има 40 години и е доктор на технички науки на Машинскиот факултет во Скопје. Тој е единствен кој има техничко образование меѓу можните кандидати за претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Во моментов е и член на Советот на Град Скопје, а претходно беше генерален директор на државната ЕЛЕМ.

Александар Пандов во последните неколку години повеќе делуваше во граѓанскиот сектор иако на крајот од деведесеттите бил член на највисоките партиски тела и пратеник во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Роден е во Скопје и има 46 години. Завршил Филозофски факултет.
Во јавноста е познат како политички аналитичар со цврсти десничарски ставови кој жестоко ги бранеше политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Беше еден од организаторите на Граѓанското движење за одбрана на Македонија. Не извршуваше никакви државни функции.
Во 2001та го прекина пратеничкиот мандат, облече униформа и се приклучи кон безбедносните структури во тогашниот конфликт.

Докторот на политички науки Филип Петровски е роден во Куманово и има 45 години. Во јавноста се профилираше во 97тата како организатор на студентските протести. Извршувал серија државни функции меѓу кои и пратеник во Собранието и македонски конзул во Њујорк. Неговата партиска биографија бележи серија партиски трансфери. Во 2009тата стана дел од партијата на Љубе Бошкоски и ја извршуваше потпретседателската функција. Само една година подоцна Петровски си заминува од Обединети за Македонија и ја формира партијата Демократска десница која требаше да делува како опозиција за ВМРО-ДПМНЕ на изборите во 2011 година. По лошите резултати на изборите Петровски се враќа во ВМРО-ДПМНЕ каде што добива позиции во третиот ешалон.

 

 

 

11.12.2017 - 12:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа