„Во време на опозиција алармиравме по добиени информации од свиркачи дека се злоупотребуваат државните резерви. Сега слушаме дека биле отпишани над 1.500 тони пченица и 500 тони јачмен од стоковите резерви. Начинот на кој тоа е направено, дали е направено и како е изведена целата операција, на тоа треба да одговорат токму тие за кои сега читаме дека се обвинети“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, во емисијата „Клик плус“ на ТВ21.

„Никој не смее да се постави над Законот и да презема дејствија што се на штета на државата и на буџетот. Ќе почекаме да заврши истрагата и го охрабрувам Јавното обвинителство и за овој случај, и за сите претходни што јас ги имам поднесено, да отвори постапки и да утврди евентуална одговорност и оштета на државниот буџет“, посочи министерот Трипуновски.

Трипуновски додаде дека стоковите резреви се нешто што треба да биде заштитетно како државен интерес.

„Во минатото стоковите резерви со пченица се полнеа преку посебни набавки, во кои во најголем дел учествуваа компании од Македонија што увезуваа пченица од странство. Една од првите активности што ги презеде Министерството заедно со Владата беше стоковите резерви да се полнат од сопствено производство“, појасни министерот.

Тој нагласи дека ова претставува сериозен државен пристап, затоа што Македонија има квалитетно домашно производство.

„Со оваа активност, но и со сите стимулации што ги воведовме, можам слободно да кажам дека годинава, од жетвата 2025, се собраа над 300.000 тони пченица, што е еквивалент на домашните потреби. Тоа дава сигурност дека повеќе не зависиме од увоз за овој важен стратешки земјоделски производ“, истакна министерот Трипуновски.

Exit mobile version