Советот на Европската Унија денеска усвои предлог со кој се воведува нова фиксна царина. Од 1 јули 2026 година ќе започне наплатата на царина од три евра за сите мали пакети во вредност помала од 150 евра, кои пристигнуваат во ЕУ од трети земји.
Оваа мерка е привремена, додека не се усвои целиот пакет за царинска реформа.
Мерката директно е насочена кон пратките со производи нарачани преку големите платформи за е-трговија како што се „Тему“, „Шиен“ или „Алибаба“. Според достапните податоци, ваквите пратки сочинуваат дури 93 отсто од сите мали пакети што годишно пристигнуваат во ЕУ од странство.
Со ова, ЕУ се обидува да постигне неколку цели:
- Справување со нелојалната конкуренција што ја создаваат платформите за трговците од ЕУ.
- Зајакнување на мерките за заштита на здравјето и безбедноста на потрошувачите.
- Спречување на измамите со продажба на производи преку интернет.

