Тренчевска: Социјалниот дијалог е силна основа за градење на општество во кое владее социјалната правда

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска учествуваше на конференцијата „Социјални предизвици“, организирана од Амбасадата на Република Франција, Францускиот институт во Скопје и Француската алијанса во Битола во рамки на Француското претседателство со Советот на ЕУ.

Целта на конференцијата, како што соопшти МТСП, беше да се даде осврт на главните социјални предизвици со кои се соочуваат граѓаните на земјите-членки на ЕУ, како и на земјите кандидати.

Тренчевска обраќајќи се пред присутните учесници на конференцијата, меѓу кои амбасадорот на Република Франција, Сирил Бомгартнер, пред се ја истакната улогата на социјалниот дијалог во едно општество, кој како што рече таа само преку социјалениот дијалог може да се подобри квалитетот на одлуките и политиките на една земја.

Таа истакна и дека, телата и процесите за социјален дијалог се моќно оружје за решавање на важни економски и социјални прашања, за справување со кризи, за поттикнување на добро владеење и социјална правда, за намалување на  нееднаквоста, закрепнување на економијата  и за промовирање на економски раст.

– Искуствата од минатото ни покажуваат дека едностраното делување на владите води кон потешкотии во справувањето со последиците од кризите, обезбедувањето на социјална стабилност и заздравување на економијата. Социјалниот дијалог води кон меѓусебно разбирање помеѓу општествените групи кои застапуваат различни интереси, со цел да се постигне решение за проблемите од взаемен интерес, рече Тренчевска.

Таа посочи дека, еден од клучните принципи на партиципативното управување е дека оние кои би можеле да бидат засегнати од некоја одлука, мора да бидат вклучени во нејзиното креирање и спроведување.

– Улогата на Економско-социјалниот совет, како трипартитно тело на национално ниво, е навистина значајна. Советот дејствува како форум кој е редовно консултиран за најважните предлог-закони, политики и мерки во областа на трудот. Токму низ Економско-социјалниот совет се дискутирани и произлегоа решенија и мерки кои беа одговор на последиците предизвикани од пандемијата, а сега и од енергетската криза, со цел да се помогне на стопанството, но и на работниците и ранливите категории на граѓани. Предлозите коишто доаѓаат од страните, поради природата на позициите, се, често, дијаметрално спротивни. Но, она што е битно, е дека суштински не се разликуваат, бидејќи целите, некаде на крајот, се исти – развиена економија и социјален мир, рече Тренчевска.

Таа посочи дека само во последните шест месеци, на транспарентен и целосно инклузивен начин, се донесени измени и дополнувања на Законот за работните односи, со кои се дефинира неделата како ден на неделен одмор за сите. Процесот на консултации траеше повеќе од година, се дојде до решение кое можеби не е совршено, но е резултат на успешен дијалог помеѓу Владата и социјалните партнери.

– Таа се осврна и на изнаоѓањето на соодветно решение за одредување на минималната плата за 2022 година, процес кој заврши успешно, преку исцрпните преговори на претставниците на работниците и работодавачите, заедно со Владата, наведуваат од МТСП.

Министерката информираше дека во тек е и подготовката на нови законски решенија, како Законот за работните односи, Законот за спречување на вознемирување на работното место, Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, Законот за социјално претприемништво.

– Социјалниот дијалог е силна основа за градење на општество во кое владее социјалната правда, затоа што сите партиципираат, претставниците на работодавачите, работниците и  Владата. Затоа, цврсто застанавме „ЗА“ социјалниот дијалог и од него, не отстапуваме. Затоа што, тоа е за доброто на сите нас, порача Тренчевска.

На денешната конференција учествуваа и потпретедателот на Економско-социјалниот совет и за животна средина на Франција, Жак Ландрио, поранешна министерка за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, претседателката на „Гласен текстилец“​, Кристина Ампева, професори, студенти и ученици.​ 

24.06.2022 - 14:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега