Тренчевска: Креираме нови мерки за помош на еднородителските семејства

Министерството за труд и социјална политика (МТСП), преку политиките во делот на социјалната реформа, но и во делот на реформата на детската заштита, работи на мерки и активности кои што ќе го олеснат и ќе го подобрат животот на еднородителските семејства, истакна министерката Јована Тренчевска.

На трибина во Битола со претставници на Здружението на еднородителски семејства „Дел од сите, министерката Тренчевка потсети дека во рамки на поддршката се и мерките што се дел од оперативниот план за вработување за 2022 година, каде што како целна група може да се најдат семејствата што не се вработени, а се еднородителски семејства.

– Како Министерство, и во делот на социјална заштита и во делот на правата и услуги што ги нудиме со социјалната реформа, помагаме на луѓето кои се соочуваат со сиромаштија, лица со попреченост и секако и на еднородителските семејства. Сите права од социјална заштита, доколку примател е еднородителско семејство се за 50 насто поголеми од основицата во однос на останатите лица приматели на тоа право. Како Министерство и како Влада навистина сме насочени. Не велам дека е тоа доволно, но во периодот што е пред нас, заедно со граѓанските организации што ги застапуваат еднородителските семејства ќе креираме нови политики и нови мерки кои дополнително ќе го олеснат животот на овие семејства, истакна Тренчевска.

Според Јасминка Кочанковска, потпретседателка на Здружението на еднородителски семејства „Дел од сите“, најголем предизвик кај овие семејства е намалување на високото ниво на сиромаштија, големата невработеност, немање на сопствено живеалиште и други проблеми.

– Скоро секое второ еднородителско семејство живее во сиромашитија и се соочува со социјална исклученост. Големата невработеност, како и ниската ефективност на трудот, односно работа на ниско платени работни места, сива економија или работа со договори на определно време се дополнителна причина за сиромаштијата. Поддршката од општеството е недоволна, а немањето на сопстевно живеалиште е уште еден сериозен проблем на еднородителските семејства, бидејќи дури две третини од нив немаат свој дом, посочи Кочанковска.

Вечерашната трибина во Битола се одржа по повод Меѓународниот ден на семејството, а ја организираа Форум на жени на СДСМ и Здружение на еднородителски семејства „Дел од сите“.

16.05.2022 - 19:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа