Американскиот претседател Доналд Трамп денеска одби да појасни што точно мислел со изјавата дека „помошта е на пат за Иран“, порачувајќи дека јавноста ќе мора сама да дознае.
„Ќе морате сами да откриете. Жал ми е“, изјави Трамп, одговарајќи на новинарско прашање за неговите претходни пораки поврзани со Иран.
Претходно, американскиот претседател преку својата социјална мрежа Truth Social јавно ги охрабри иранските демонстранти да продолжат со протестите, повикувајќи ги да ја преземат контролата врз институциите во земјата.
„Ирански патриоти, продолжете да протестирате – преземете ја власта над вашите институции. Запомнете ги имињата на убијците и насилниците. Ќе платат висока цена. Ги откажав сите состаноци со иранските официјални лица додека не запре бесмисленото убивање на демонстрантите. Помошта пристигнува. MIGA (Make Iran Great Again)“, напиша Трамп.
Во меѓувреме, два неименувани извори од американското Министерство за одбрана изјавија дека Трамп е детално информиран за широк спектар на воени и тајни опции кои би можеле да бидат применети против Иран, вклучувајќи и мерки кои одат подалеку од класични воздушни напади.
Според повеќе извори запознаени со состојбата, тимот за национална безбедност на Трамп денеска ќе одржи состанок во Белата куќа, на кој ќе се разгледуваат ажурираните опции во однос на Иран. Засега не е познато дали американскиот претседател лично ќе присуствува на состанокот.

