Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денес изјави дека документот потпишан на мировниот самит за Појасот Газа во Египет е „историски“ и рече дека со него е постигната долгогодишна цел, мир на Блискиот Исток.
„Го постигнавме она што сите го велеа дека е невозможно, воспоставивме мир во регион кој со децении е погоден од војна и крв“, рече Трамп, обраќајќи се пред учесниците на самитот во Шарм ел Шеик.
Тој нагласи дека „војната во Газа е завршена“ и дека хуманитарната помош веќе пристигнува во големи количини, вклучувајќи стотици камиони со храна, медицинска опрема и други потребни материјали, од кои, како што изјави, „голем дел беше финансиран од присутните во оваа просторија“.
„Цивилите се враќаат во своите домови, заложниците се обединуваат со своите семејства. Светнува ново и убаво утро. Сега започнува фазата на реконструкција, можеби најтешката досега“, рече Трамп.
Американскиот претседател особено им се заблагодари на арапските и муслиманските земји кои, како што истакна, „помогнаа да се постигне овој неверојатен пробив“.
„Ова е денот за кој луѓето низ регионот и светот се надеваа, работеа и се молеа. Малкумина веруваа дека таков исход е можен“, рече Трамп.
Тој, исто така, упати посебна благодарност до Египет и претседателот Абдел Фатах ел-Сиси, кои му го доделија највисокото одликување на земјата, Орденот на Нил.
Трамп, исто така, му се заблагодари на емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад Ал Тани, нарекувајќи го „исклучителен лидер и човек со големо срце“.
Претходно, американскиот претседател Трамп беше првиот што потпиша сеопфатен документ за договорот меѓу Израел и палестинската организација Хамас на почетокот на меѓународната мировна конференција за Газа во египетското одморалиште Шарм ел-Шеик.
На конференцијата, под копретседателство на Трамп и египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси, документот го потпишаа и лидерите на Египет, Турција и Катар, земјите што посредуваат во преговорите меѓу Израел и Хамас, во присуство на палестинскиот претседател Махмуд Абас.