Доналд Трамп побара од Турција да престане да купува руска нафта, порачувајќи му на Реџеп Таип Ердоган дека тоа е најдобрата работа што може да ја направи за да помогне да се стави крај на војната во Украина. Нивната средба во Белата куќа заврши без ветувањето од Трамп дека ќе ги укине санкциите за Турција или дека ќе ѝ продаде напредни борбени авиони „Ф-35“, иако изрази оптимизам за двете работи.

САД со години ја спречуваат продажбата на „Ф-35“ на Турција, што уследи откако таа во 2019 купи противвоздушни системи од Русија. Американскиот закон за одбрана усвоен во 2020 вклучуваше амандман со кој Турција се спречуваше да набави „Ф-35“, освен ако не се откаже од руските системи „С-400“.

Трамп му рече на Ердоган дека ќе биде успешен во купувањето работи што би сакал да ги купи.

„Нему му се потребни одредени работи и нам ни се потребни одредени работи. И ќе дојдеме до заклучок. Ќе знаете до крајот на денот“, кажа тој.

Трамп додаде дека верува оти Ердоган е почитуван и од украинскиот претседател Володомир Зеленски и од рускиот претседател Владимир Путин, што значи дека би можел да има големо влијание врз војната доколку сака. Заедно со Индија и Кина, Турција е меѓу најголемите увозници на нафта и гас од Русија.

„Би сакал Турција да престане да купува руска нафта додека Русија продолжува со својот поход во Украина. Тоа е најдоброто нешто што може да го направи“, кажа Трамп.

Leave A Reply

Exit mobile version