Американскиот претседател Доналд Трамп денеска испрати висока делегација на Пентагон во Киев на разговори со цел оживување на преговорите за завршување на војната во Украина, објави „Волстрит џурнал“ (WSJ), повикувајќи се на високи американски претставници.
Се очекува делегацијата, во која се наоѓаат секретарот за одбрана Ден Дрискол и двајца врвни генерали, да разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски и други воени и индустриски претставници.
Се очекува Дрискол да се сретне и со руски претставници.
„Секретарот Дрискол патува во Украина за да добие претстава за фактите на терен. Тој ќе учествува на состаноци во Украина и ќе поднесе извештај до Белата куќа. Претседателот јасно стави до знаење дека е време да се запре убивањето и да се постигне договор за завршување на војната“, изјави неименуван американски претставник.
Друг претставник изјави дека мисијата на Дрискол била да ги обнови разговорите во име на Трамп.
Еден од претставниците изјави дека Дрискол, соученик од колеџ на потпретседателот на САД Џ.Д. Венс, бил избран по разговорите меѓу Трамп и Венс.
Според WSJ, одлуката за испраќање на шефот на цивилната војска, чија работа е главно да обучува и опремува војници, на преговорите се смета за необична, но во исто време е потсетник дека Трамп често одлучува да преземе неортодоксни чекори.
Администрацијата на Трамп постојано се обидуваше да го прекине конфликтот, кој го иницираше рускиот претседател Владимир Путин во 2022 година, преку преговори.
Сепак, украинските и руските претставници не водеа директни разговори со месеци, а напорите на САД беа суспендирани по самитот меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска во август.

