Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека Соединетите Американски Држави привремено ќе ги запрат планираните воени удари врз иранската енергетска инфраструктура, давајќи ѝ шанса на дипломатијата. Во опсежна објава на својата социјална мрежа „Трут соушл“ (Truth Social), Трамп откри дека двете земји се во интензивни преговори за ставање крај на конфликтот.
„Задоволство ми е да известам дека Соединетите Американски Држави и државата Иран во изминатите два дена имаа многу добри и продуктивни разговори во врска со целосно и тотално решавање на нашите непријателства на Блискиот Исток“, напиша Трамп.
Врз основа на позитивниот тек на овие разговори, кои според него се детални и конструктивни, американскиот претседател донел одлука за привремено стопирање на офанзивата.
„Врз основа на тонот и атмосферата на овие разговори, кои ќе продолжат во текот на целата недела, му наредив на Одделот за војна (Пентагон) да ги одложи сите воени удари врз иранските електрани и енергетска инфраструктура за период од пет дена, во зависност од успехот на тековните состаноци и дискусии“, додаде Трамп, завршувајќи ја пораката со благодарност за вниманието.
Овој потег доаѓа во момент на огромна тензија на Блискиот Исток и стравувања од глобален нафтен шок доколку бидат уништени иранските енергетски капацитети.


