Администрацијата на Доналд Трамп привремено ги олесни санкциите за дел од руската нафта, дозволувајќи продажба на пратки што веќе се наоѓаат на танкери на море. Одлуката е донесена со цел да се стабилизира светскиот енергетски пазар по наглиот раст на цените на нафтата.
Според американското Министерство за финансии, мерката важи 30 дена и се однесува на околу 120 милиони барели руска нафта кои се заглавени на танкери поради санкциите. Со тоа земјите привремено ќе можат да ја купуваат оваа нафта за да се ублажи недостигот на пазарот.
Одлуката доаѓа во време на сериозна нестабилност на енергетските пазари поради конфликтот на Блискиот Исток и нарушувањата во транспортот на нафта, што доведе до раст на цените над 100 долари за барел.
Сепак, потегот предизвика критики од дел од западните политичари, кои предупредуваат дека ваквото олеснување на санкциите може индиректно да ѝ помогне на Русија во време на војната во Украина.


