Трајковски: Нема жртви во пожарот кај Пасјак, потребна ни е секаква помош

Нема жртви по пожарот кој денеска околу 14 часот повторно се распламте во маалото Пасјак во селото Нов Истевник. Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски брифираше дека со единиците на Армијата, Територијалната противпожарна единица, Македонски шуми и други лица  веќе трет ден се борат со огнената стихија, која, како што оцени, е крајно сериозна, загрижувачка и веќе направи голема штета во однос на шумскиот фонд.

-За среќа немаме жртви и тоа ни беше приоритет за да ги евакуираме сите изнемоштени лица кои се наоѓаат во ова село. Ова село е од рурален тип, така што за среќа немаме жртви. Максимални сили вложуваат сите единици, сите луѓе овде коишто се и доброволци од месното население и од градот Делчево и од други институции за да ги заштитиме материјалните добра на жителите од ова село, брифираше Трајковски.

Вкупната бројка на луѓе кои се на терен и со кои тој координира е повеќе од 250. Во утринските часови помогнале и хеликоптерски единици од Армијата, а најавена е помош од Бугарија.

-Во утринските часови имавме помош од воздух со хеликоптер на нашата Армија којшто го гасеше пожарот и очекуваме сега за некои 20-30 минути да стигнат уште два хеликоптери да пружат помош, односно оваа огнена стихија на некој начин да ја ставиме под контрола. Имаме помош од Општина Берово со противпожарни единици, стигнуваат шест противпожарни возила од соседна Република Бугарија, има помош од градоначалникот на Штип Сашко Николов со противпожарни возила. Овде пожарот не е на едно место, можам да кажам пожари на повеќе од 50-ина места во оваа месност и потребна ни е секаква помош и во однос на цистерни и во однос на човечки ресурси, додаде градоначалникот на Делчево.

Изрази уверување дека  хеликоптерите ќе завршат поголема работа бидејќи, како што појасни,  висока е шумата и ќе може на некој начин оваа огнена стихија со катастрофални размери да се стави под контрола. 

04.08.2021 - 17:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега