Трајчулевски: Власта ја враќа Македонија во времето на режимот

 

Над наводни заложби на власта, за реформи во судството и правосудството, се крие враќањето во времето на режимот, кога судбината на судиите и јавните обвинители зависеше од тоа во кое тефтерче се запишани, рече пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулевски, во дебатната емисија „Само вистина“ на Канал 5.
 
- Денес на собраниска седница имавме назначување на член на совет на јавни обвинители кој е истакнат партиски активист на една од коалициските партии. Па, ако по утрото денот се познава, сметам дека, на тој начин нема да ја вратиме довербата во судството. Нема да ја вратиме и доколку фундаментот на промената е да ги избркаме нивните за да ги вратиме нашите. Единствен начин да ја вратиме довербата во правосудниот систем е да ги задржиме најдобрите, најквалитетните кадри, кој во овој момент ќе ги убедиме дека тие нема да трпат никакви политички притисоци и влијанија додека носат одлуки и одлучуваат согласно законот, рече Трајчулевски.
 
Тој потенцираше не може целата судска фела да биде ставена во ист кош, затоа што сепак таму има и чесни луѓе кои професионално си ја вршат својата работа.
 
- Но, примерот кој е очигледен последните 3 месеци и кој не доби доволно медиумско внимание, е начинот на кој се назначуваат членовите на второстепените државни комисии. И тие се дел од системот на управна постапка по кој треба независно да одлучуваат. Или пак дел од регулаторните тела, каде што имате претседател на ДПМНЕ за дигитализација кој е ставен за член на Агенцијата за електронски комуникации. Или, имате претседателката на форум на жени на ДПМНЕ од Битола, која е ставена за член Агенцијата за електронски комуникации. Значи, она што е суштината и што било болна страна во нашата држава, е следењето на комуникации. И сега, кога сме кај Советот за граѓански надзор на следењето на комуникации, сите, од еден до последен се луѓе кои се високи партиски активисти на коалицијата на власта. Така што, зад најавените реформи во судството, се крие враќање во времето на режимот,  рече Трајчулевски.
11.12.2024 - 12:42

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега