Кандидатот за градоначалник Александар Трајановски денеска го претстави новиот проект од својата програма „Искуство за успех“, изградба на современ Скопски Експо-Центар на местото на поранешната касарна во Бардовци, во општина Карпош, се наведува во соопштението од изјавата на кандидатот за градоначалник на Скопје, Александар Трајановски од коалицијата „Искуство за успех“.

„Денеска сме овде, на периферијата на Карпош и Бардовци, пред локацијата на старата касарна, простор кој е запуштен и затворен повеќе од една деценија,“ изјави Трајановски. „Во минатото, овој простор беше предлаган за сместување на бегалци и мигранти, што со право предизвика револт и протести кај граѓаните. Наместо да остане симбол на отпор, ова место треба да стане симбол на развој.“

Според проектот, новиот Скопски Експо-Центар ќе се изгради на површина од 86.000 квадратни метри и ќе претставува ново сајмиште на главниот град, простор каде што ќе се одржуваат саеми, изложби, конференции и бизнис-настани на регионално и европско ниво.

„Локацијата е стратешки идеална, во непосредна близина на скопската обиколница, со лесен пристап од сите правци и блиску до индустриската зона Визбегово. Со тоа, Скопје добива логична и функционална целина: спој на индустриски и комерцијален центар со јасна економска визија,“ истакна Трајановски.

Проектот предвидува во рамките на експо-комплексот да се изградат и хотелски капацитети, угостителски и забавни содржини, зелени површини и јавни простори. Новиот експо-центар ќе биде отворање на Скопје кон Европа и светот, создавајќи можности за соработка меѓу домашните компании и меѓународните инвеститори.

„Со ваков центар, Скопје ќе стане дел од европската бизнис мапа. Ќе можеме да ги промовираме нашите производи и да привлечеме компании од регионот и од светот. Наместо запуштен простор, ќе добиеме нова економска и урбана точка што ќе му даде нов живот на градот,“ изјави Трајановски.

Exit mobile version