Кандидатот за градоначалник на општина Аеродром, д-р Александар Трајановски, на денешната трибина ги презентираше своите планови за целосна трансформација на општината, од чиста и зелена средина, дигитализирано образование до воведување локален сервис за парамедицинска помош.

„Заслужуваме чиста и зелена општина во која достоинствено ќе живееме!“, порача Трајановски, најавувајќи реформа на комуналните служби со зголемување на плати, нова опрема и редовно миење улици. „Аеродром мора темелно да се исчисти. Нема човек кој не се согласува со ова.“

Трајановски потенцира дека „вечерва ставаме крај на едно крајно недомаќинско и неодговорно управување со Општина Аеродром“. Тој истакна дека ќе стави крај на „жолтите и неискосени тревници, ѓубрето на секој чекор и отровниот воздух што не труе и нас и нашите деца”. Појаснувајќи дека Аеродром не смее да стане уште една скопска депонија, тој повика граѓаните да се борат за својот дом. „Аеродром е нашиот дом, и повторно ќе биде наша скопска гордост“

Трајановски најави изградба на две нови градинки во Мичурин и Ново Лисиче и проширување на постојните, со цел да се реши проблемот со листите за чекање. 

„Нема да дозволиме нови висококатници во најгусто населените делови. Целосно ќе го запреме урбанистичкиот терор и бетонизацијата“, порача Трајановски, додавајќи дека наместо тоа, општината ќе добие повеќе зеленило, игралишта и СМАРТ осветлување.

Во сообраќајот најави воведување „зона 30“ на сервисните улици, нови паркиралишта и катни гаражи. Во образованието најави дигитализација и укинување собирање средства од родителите за основни потреби.

Во здравството најголем новитет е воведување локален сервис за парамедицинска помош, што според него е потребно заради долгите чекања на брзата помош.

Посебен акцент стави на младите,  формирање Фонд за млади и изградба на културен центар со кино, театар и изложбен простор.

Покрај тоа, најави изградба на нова општинска зграда за поефикасно да им се служи на граѓаните, како и подобрување на инфраструктурните врски со соседните општини.

„Мојот МЗТ, нашата аеродромска гордост, мора повторно да победува преку враќање на младинската школа и трајно решавање на проблемот со финансирањето “, рече Трајановски, повикувајќи ги граѓаните на 19 октомври да го заокружат бројот 5.

Leave A Reply

Exit mobile version