Српски државјанин, кој работел како обезбедувач на фестивалот на пивото „Октоберфест“ во Минхен, загина во тешка несреќа на една од забавните атракции, соопшти германската полиција.
Според информациите од „Билд“, 52-годишниот маж бил удрен од гондола на кулата за слободен пад наречена „Мамурлак“ кратко пред 22 часот. Тој се здобил со повреди опасни по живот, а и покрај обидите за реанимација на самото место и последователниот транспорт во болница во Минхен, им подлегнал на повредите.
Несреќата се случила на атракцијата висока околу 80 метри, а според првичните информации, обезбедувачот се наоѓал во област каде што не смеел да биде, каде што бил удрен и згмечен од гондолата во која патниците паѓале со главата напред.
Одделот за кривични истраги во моментов работи на расветлување на случајот и апелира за сведоци, особено лица кои можеби снимиле видео од инцидентот, пренесува Танјуг.
Октоберфест, кој важи за најголем фестивал на пивото во светот со над шест милиони посетители годишно, започна во сабота наутро и ќе трае до 4 октомври, при што за безбедноста се грижат околу 600 полицајци и стотици припадници на обезбедувањето.


