Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во вечерашното издание на емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 изјави дека е горд на имплементацијата на новиот систем „Сејф Сити“, посочувајќи дека бројот на сообраќајни прекршоци е драстично намален.
Според него, на почетокот од тест-периодот биле евидентирани околу 120.000 прекршоци, додека сега таа бројка се движи меѓу 500 и 800 дневно, што, како што нагласи, претставува значително намалување.
Тошковски истакна дека станува збор за прекршоци како што се возење со недозволена брзина, минување на црвено светло и управување нерегистрирано моторно возило, кои ги констатира системот. Во наредниот период, најави тој, системот ќе се прошири и за евидентирање на погрешно запирање и непрописно паркирање.
„Заврши времето на дивеење и брзо возење по улиците. Секој што управува моторно возило во Скопје може да ги забележи придобивките од овој паметен систем. Видливо е намалувањето на екстремните брзини и нетрпеливоста во сообраќајот. Се намалува бројот на сообраќајни несреќи, како и бројот на повредени и загинати лица. Целта што ја поставивме дава резултати и има позитивен одѕив од јавноста“, изјави Тошковски.


