Како едни од најмирните избори досега го оцени првиот круг од локалните избори министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
-Честитам за денешниот ден. Ден кога Македонија уште еднаш покажа демократска зрелост и политичка култура. Со гордост можам да кажам дека денешните избори поминаа како едни од најмирните и најбезбедните во поновата историја на државата. Исто така, сакам да им се заблагодарам на сите полициски службеници кои денес ја завршија својата задача одговорно, професионално и без ниту еден пропуст обезбедувајќи услови граѓаните слободно да го остварат своето демократско право на глас. Денес покажавме дека кога институциите функционираат, демократијата е сигурна, рече Тошковски.
Рече дека на сите Гласачки места гласањето почнало навреме, освен на 84, кадешто имаше технички проблеми и задоцнување до максимум два часа. Регистрирани се 29 прекини на гласањето во траење од 15-тина до 30 минути, најчесто поради технички проблеми со уредите за идентификација кои беа навремено решени, рече Тошковски, додавајќи најчесто вакви проблеми имало во Тетово и Охрид.
91 нерегуларности е официјалниот биланс. Најчесто се должат на агитирање и на фотографирање на гласачки ливчиња, лепење плакати и упатување закани.
-По преземени мерки за 42 од пријавените случаи постапките се завршени, а во најголем дел од нив истите наоди не се потврдени. Во тек се активности по останатите случаи во соработка со Обвинителството и останатите органи. Лишени од слобода се 11 лица во текот на денот, во повеќето случаи поради поткуп, фотографирање или уништување на гласачко ливче. Четири се веќе ослободени, а седум се задржани на натамошна постапка, рече Тошковски.

