Тропскиот бран кој ја зафаќа Македонија од денеска, го зафаќа и регионот. Во Хрватска, најавени се високи температури, но и невреме.
Хрватска денеска ќе се „пржи“ на температури до речиси 35 степени Целзиусови, а уште во утринските часови во некои градови температурата се искачи до 30 степени.
-Во внатрешноста ќе биде делумно, а на места и претежно сончево, но времето нема да биде целосно стабилно, па повремено ќе има дожд или врнежи проследени со грмежи. На Јадранот ќе преовладува сончево време. На копното ветерот главно ќе биде слаб, а во централните предели повремено умерен северен и североисточен. На Јадранот ќе дува слаб до умерен југозападен ветер. Највисоката дневна температура ќе биде меѓу 30 и 34 степени Целзиусови – стои во прогнозата на Државниот хидрометеоролошки завод (ДХМЗ) за среда, 15 јули.
По неколку дена променливо време со смена на сонце, облаци и повремени врнежи, и граѓаните на Србија повторно ги очекува пораст на температурите.
Метеорологот Недељко Тодоровиќ најави дека уште од средината на неделата ќе следува постепено затоплување, додека петок и сабота ќе донесат вистински летен топлотен бран, со температури кои во одделни региони ќе достигнат и до 37 степени.
И во Македонија УХМР најави сончево и топло време со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Попладне ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 21, а максималната ќе достигне од 32 до 39 Целзиусови степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Попладне во делови од котлината ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 37 степени.


