Тодоров: Проблем на Бугарија не е дали ќе ги нарекуваме „фашисти“, туку дали ќе ги нарекуваме „окупатор“

Историчарот Петар Тодоров вели дека ние како држава многу лесно се расфрламе со терминот фашизам и оти многу лесно го употребуваме и таму кадешто не му е место.

-Истото тоа се правело и во 1945 година, комунистите често ги користат тие термини (фашизам, фашистички) за да ги дисквалификуваат своите политички противници, истакна Тодоров во гостувањето на Утрински брифинг.

Вели дека во науката постојат сериозни дебати, кои не се политикантски, за тоа дали Бугарија може да се смета за фашистичка држава или не.

-Во тоа време има десетина формации во Бугарија кои се профашистички. Имало и партизански, но неспоредливо со претходните. Во Бугарија во периодот 1934-44 годива всушност има беспартиси режим, нема Парламент, царот владее со негови луѓе, некои од фашистичките организации се дел од власта, како и некои политики на бугарската влада се фашистички. Таков пример е Законот за заштита на нацијата кој е дискриминаторски кон Евреите, но таков имало и во Југославија во 1940 година. Некои авторитарни постапки на власта не се дел од фашизмот, како што е во Италија, вели Тодоров.

Рече дека не може да игнорира оти Бугарија е дел од фашистичката коалиција.

-Проблем во односите со Македонија не е дали ќе ги нарекуваме фашисти, туку дали ќе ги нарекуваме окупатор. Таму (во Бугарија) се вели дека не биле окупатор туку дека ја ослободле Македонија. И тука е проблемот, вели Тодоров.

Тој смета дека ние не треба да градиме негативни односи во учебниците воопшто, не само за Бугарија. Тодоров потсетува на бугарските флоскули „еден народ две држави“ и „бугарски земји“ кои се користат за околчување, па потоа сѐ што е внатре се вели „ова е мое“ и оттука се градат политики кои Балканот виде дека се штетни, потсетува Тодоров.

Кога политичар коментира за историја оди на тенок мраз и обратно, коментира Тодоров.

-Пишување учебници е сложен процес, вклучува повеќе актери и фази и треба време. Може да вклучува политика, но експертите го даваат концептот. Но, мора да се земе предвид светската наука и она што подобро ја објаснува денешницата, вели тој.

Историското образование треба да поттикнува критички став. Тодоров вели дека мултиперспективноста погрешно се разбира, тоа значи не е само да се дадат двете претстави туку да се објаснат тие перцепции.

-Така ќе се одземе историјата како алатка за радикализација. Такво е современото разбирање на историјата. Сѐ друго води кон граѓани кои може лесно да бидат манипулирани од политичките елити, нагласува Тодоров за Утрински брифинг.

24.09.2021 - 09:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега