Тодоров: Немаме намера да дискутираме со Бугарија за црковни прашања и црковниот статус на МПЦ-ОА

Членот на заедничката Комисија за образовни и историски прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија, Петар Тодоров, вели дека од македонскиот дел на Комисијата биле изненадени кога слушнале дека во јавноста се пренесува дека на последниот состанок со бугарските колеги дискутирале за црковни прашања.

-На средбите дискутираме за прашања поврзани со историјата на црквите од Средниот век, историјата на христијанството, тоа подразбира историјата и на Охридската архиепископија и дека нас не интересира како таа црковна институција средновековна е претставена во учебниците и таа тема беше предмет на дискусија и на последната 22-ра средба. Навистина бевме изненадени кога видовме дека во јавноста се пренесува дека дискутираме за црковни прашања, за црковниот статус на МПЦ-ОА, што не е наша намера, ниту сме имале намера да дискутираме за такви теми, вели Тодоров за Сител ТВ.

Тој изрази жалење што пласирањето на таквите дезинформации довело голем број луѓе да дискутираат, анализираат, да носат судови, вели, врз основа на нешто што не постои.

– Прашањето што ние го отвараме е како се претставува историјата на Охридската архиепископија во 10-ти, 11-ти, 12-ти, 13-ти и 14-ти век, а не како се отвара прашањето за статусот на МПЦ Охридската архиепископија денес. И тука треба да се внимава, да не се доведува јавноста во заблуда, да не се манипипулира со нејзините чувства, тука мислам на македонскиот народ, оцени Тодоров.

Членовите на македонскиот тим на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија вчера преку соопштение до медиумите реагираа на, како што наведоа, некоректното информирање на јавноста за темите кои се предмет на дискусија во работата на Комисијата. 

28.11.2022 - 20:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа