Тевдовски: До крајот на годинава сите ќе имаат увид во исплатите од државната каса

До крајот на годината граѓаните ќе можат да ги видат исплатите од државната каса. Секој потрошен денар ќе биде објавен, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски. 

Во тек е подготовка на платформа со која јавноста ќе има увид во сите трошења од Трезорот, информираа од Министерството за финансии и додаваат дека направиле консултации со граѓанските организации и претставници на медиумите, за да придонесат во изработката на платформата. Министерството, како што се посочува, со овој чекор ќе придонесе кон целосно отворање на процесите на управување со јавните финансии кон јавноста.

- Финансиската транспарентност ја исполнува својата цел. Јавноста има увид и прави притисок за правилно трошење на парите. Европската унија, за разлика од порано кога ја критикуваше нетранспарентноста во јавните финансии, сега во последниот извештај ја издвои токму фискалната транспарентност, како еден од клучните успеси, рече Тевдовски.

Тој посочи дека Министерството за финансии презело и низа други чекори за подобрување на транспарентноста. Како што истакна, се објавуваат извештаи за извршувањето на Буџетот по буџетски корисници на месечна основа, извештаи за извршувањето на Буџетите на општините на квартална основа, а полугодишниот извештај за извршување на Буџетот за првпат содржи детални податоци за сите буџетски корисници.

Министерот истакна дека е направен „Граѓански буџет“, како и дека е организирана јавна дебата за Буџетот пред тој да биде усвоен од Владата. За следниот „Граѓански буџет“ ќе има веб апликација, изработена од победниците на ФинХакатонот.

Од Министерството наведуваат дека во насока на зголемување на транспарентноста институциите сите договори за јавни набавки и анекси почнале да ги објавуваат на електронскиот систем за јавни набавки. Јавните набавки, како што се потенцира, станале повидливи за јавноста преку платформата Отворени податоци. Од Министерството за финансии додаваат дека на веб-страната ги објавуваат податоците во отворен формат. 

 

 

 

12.08.2018 - 13:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега