Силен раст на цените на суровата нафта и на дизелот на светските берзи создава нов притисок врз цените на горивата во Македонија, само неколку дена откако Регулаторната комисија за енергетика веќе го зголеми дизелот на 101 денар за литар.
Брент нафтата минатиот петок се тргуваше околу 95-96 долари за барел, а неделава ја проби границата од 100 долари и во четвртокот достигна над 107 долари. Утрово цената се движи околу 105-106 долари за барел, што значи неделен раст од повеќе од 10 проценти и најсилно неделно зголемување од средината на јули.

Главниот двигател повторно е ескалацијата на Блискиот Исток и стравувањето од нови нарушувања во снабдувањето и транспортот на нафта. Нападите врз танкери и неизвесноста околу пловидбата низ клучните нафтени рути го зголемија геополитичкиот ризик што пазарите го вградуваат во цената.
За домашните цени уште поважни од самата сурова нафта се котациите на готовите нафтени деривати. Европскиот берзански репер за дизел – London Gasoil – од околу 1.321 долар за тон минатиот петок до четвртокот се искачи на околу 1.388 долари за тон, или за приближно пет проценти. Пазарот на средни дестилати останува особено затегнат, па дизелот и натаму покажува посилен ценовен притисок.
Ова е важно и за Македонија бидејќи Регулаторната комисија при пресметката не ја зема директно цената на Брент, туку седумдневните котации на готовите деривати од Platts European Marketscan за Медитеранот. За бензините се следи котацијата Prem Unl 10 ppm, а за дизелот 10 ppm ULSD, при што во формулата влегува и курсот на доларот.
Во понеделник РКЕ повторно ќе ги пресмета највисоките малопродажни цени. Во моментов ЕУРОСУПЕР БС-95 се продава по максимални 97 денари, БС-98 по 99, а ЕУРОДИЗЕЛ по 101 денар за литар.
Доколку денешните берзански котации останат на сегашните високи нивоа, поголема е веројатноста во понеделник да следува ново поскапување отколку поевтинување. Најголем ризик повторно има кај дизелот, каде берзанските цени на готовиот производ остануваат високи, а можна е корекција од неколку денари за литар. Кај бензините притисокот исто така е нагорен, но точниот износ ќе зависи од просекот на медитеранските котации во целиот пресметковен период и од курсот денар-долар.
Минатиот понеделник РКЕ веќе го зголеми дизелот за шест денари, од 95 на 101 денар за литар, а бензините за по три денари. Новиот берзански раст што следуваше во текот на оваа недела остава простор ценовниот притисок да продолжи и со следната одлука.