Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат на обвинувањата од СДСМ, нарекувајќи ги лицемерни и потсетуваат дека токму СДСМ ја партизирала администрацијата до крајности за време на своето владеење.
„СДС се тие кои членската книшка ја изедначуваа со лична карта, а граѓаните за вработување ги повикуваа прво да се јават кај претседателите на општинските организации“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, СДСМ тешко се помирува со тоа што институциите почнаа да се консолидираат и функционираат по ред и поредок, за разлика од, како што велат, хаосот кој тие го оставиле по седум години владеење.
„СДС не се навикнати да има систем во државата, не се навикнати институциите да ги водат стручни и професионални кадри. Тие се навикнати сè да се одлучува во партија и секое работно место да оди преку партиска врска“, стои во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат на примерот со пратеник од СДСМ кој, на јавен собир, членската книшка на партијата ја изедначил со лична карта, како и на повиците на општински организации на СДСМ преку официјални канали каде граѓани биле повикувани да се јават во партијата пред да се пријават на конкурси за вработување.
„Тоа е нивниот начин на функционирање – вработување преку партија, а не преку заслуги, образование и стручност“, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, отпорот на СДСМ кон тековните реформи во администрацијата е резултат на стравот дека времето на партиска држава завршува.
„Сега им пречи што конечно ќе се вреднува знаење, професионализам и ефикасност, наместо партиска припадност. Тоа е вистинска департизација, а не она што СДС го пропагираше додека ги полнеше институциите со свои кадри“, велат од партијата.