ТАВ Македонија, во соработка со Црвениот Крст на Град Скопјe, денеска, на Светскиот ден на бездомништво, подготви и донираше готвени оброци за 110 бездомни лица во Пунктот за бездомници во Момин Поток во Скопјe.
Како дел од својата стратегија за корпоративна општествена одговорност, аеродромскиот оператор, подружница на ТАВ Аеродроми и членка на групацијата АДП, втора година по ред ја организира оваа хуманитарна активност „ТАВ Готви“.
– Веруваме дека општеството напредува кога компаниите, институциите и граѓаните дејствуваат заедно за хумани цели. Соработката со организации како што е Црвениот Крст ни овозможува заеднички да создаваме вистинска општествена вредност и затоа би сакал уште еднаш да им се заблагодарам на луѓето од Црвениот Крст на Град Скопјe и на луѓето од Пунктот за бездомници во Момин Поток. Посакувам да продолжиме да соработуваме и во иднина и заеднички да придонесуваме за подобро утре за оние на кои им е најпотребно, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Сузана Тунева Пауновска, секретар на Црвениот Крст на Град Скопјe истакнува дека пристапот до топол и свежо приготвен оброк е основна човечка потреба, но, како што вели, за жал, дел од нашите сограѓани секојденевно се соочуваат со овој предизвик.
– Благодарение на поддршката од општествено одговорните компании како ТАВ Македонија, Црвениот Крст успева да обезбеди континуирана помош и поддршка за овие луѓе. Црвениот Крст на Град Скопјe високо ја цени долгогодишната соработка со компанијата и нејзината подготвеност да поддржува активности во заедницата, со што заеднички придонесуваме за поинклузивно и похумано општество, изјави Тунева Пауновска.
Како што информираат од ТАВ Македонија, во рамките на истата општествено одговорна активност „ТАВ Готви“, ТАВ Македонија и нејзината сестринска компанија БТА, одговорна за храна и пијалоци на скопскиот аеродром, заедно со Црвениот Крст, ќе организираат уште една донација на готвен оброк за бездомници до крајот на оваа година.