Таткото на осумгодишната Ана упати јавна благодарност до сите граѓани, пријатели, роднини, колеги и институции кои дадоа поддршка во хуманитарната акција за лекување на неговата ќерка, откако кампањата официјално беше затворена со собрани 3,1 милиони денари за само шест часа.

Во обраќањето, тој и неговата сопруга Ивана Карановска Јованчев изразуваат бескрајна благодарност до блиските и подалечните роднини, другари, наставнички, инфлуенсери, медиуми.

Посебна благодарност упатуваат до кошаркарскиот клуб „Вардар“ и Бране Андриевски за иницијативата, до доктор Ивана Клишеска Илчевска, како и до доктор Ненад Лазаров и фондацијата „Ecrowd“, преку која средствата беа собрани за рекордно кратко време. Семејството им се заблагодари и на Паскалов и тимот педијатри, како и на доктор Ана Тримоска-Радевска, за стручните и навремени реакции.

„Со ова ни испративте порака дека не сме сами и дека во оваа борба имаме неверојатна поддршка. Ние сме на самиот почеток и пред нас претстои долг и непредвидлив пат. Веруваме и се молиме Ана да издржи и да победи“, се наведува во пораката на родителите.

Претходно, доктор Ненад Лазаров објави дека кампањата за лекување на Ана е успешно завршена, со целосно обезбедени средства за хируршката интервенција и третманот во странство. Девојчето има дијагностициран редок и агресивен тумор на синусите со зафатена орбита, а дијагнозата е потврдена во Хрватска, каде што се бара специјализиран хирург за сложената операција.

Масовниот одѕив на јавноста за неколку часа покажа силна солидарност и сплотеност кога е во прашање животот на дете, а поддршката за Ана и нејзиното семејство, како што најавуваат блиските, ќе продолжи и во наредниот период.

Exit mobile version