Таравари: Половина од поранешниот режим е дел од новата „реформска” Влада

Градоначалникот на Гостивар и екс министер во владата на Зоран Заев, Арбен Таравари посакува метлата на премиерот да заигра онаму каде што се предизвикува гниењето и трулежот на власта и системот. Тој во интервју за „Економски Лидер” вели дека доволно е да се спомене само зборот ДУИ.

- Метлата доаѓа по притисокот од ДУИ што го врши на ниво на Владата, со цел да се спречат реформите на локалната власт во Гостивар. Ние овде, заеднички, ги победивме ДУИ и СДСМ, кои имаа свој кандидат за градоначалник на Гостивар. Значи, гостиварчани, со 17.000 гласови одлучија нивната општина да биде раководена од кадар на Алијансата за Албанците (АА), односно одлучија иднината во својата општина за образование, култура, урбанизам, инвестиции да ѝ ја доверат на една релативно млада екипа во политиката. Едноставно, се одлучија за промени во локалната власт во овој град. Меѓутоа, ДУИ сѐ уште не може да го прифати изборниот пораз во Гостивар. Оттука и наоѓа различни начини на опструкција на работата на локалната власт. Како го прави тоа? Два пати ги одзема ингеренциите во образованието, праќа различни инспекции и ревизии, со цел граѓаните да мислат дека никој друг, освен нив, не може да раководи со општините и Владата. Но, луѓето знаат да проценат и да анализираат, тие сѐ повеќе нѐ поддржуваат и имаат разбирање за сите пречки и опструкции од ДУИ преку централната власт. Јас верувам дека премиерот Заев е во тешка позиција, го разбирам и него, му требаа бројки за одредени процеси, а од друга страна не можеше да се спротивстави на притисоците од ДУИ, вели Таравари.

За метлата вели би сакал да има промени.

- Искрено, би сакал да има промени во Владата, бидејќи, навистина, на РСМ ѝ требаат реформи, луѓето сакаат да живеат квалитетно и спокојно во својата држава. При формирањето на оваа Влада, чиј дел бевме и ние во текот на првите 4 месеци, граѓаните очекуваа промени и реформи, меѓутоа следуваше огромно разочарување. Половина од режимот се смени, меѓутоа другата половина од поранешниот режим продолжи да биде дел од новата „реформска” Влада, без чии пратеници не беше возможно да се оформи ново мнозинство. Останатиот дел на режимот, односно ДУИ, почна да ја индуцира новата половина на Владата и, на крај, ги видовме резултатите од 21 април 2019 година, на претседателските избори. Нормално, како локална власт, многу ни е битно да имаме конструктивна и добронамерна Влада, со која ќе се комуницира на коректен начин, со цел заеднички да бидеме сервис на граѓаните. Има повеќе институции во општината кои се под надлежности на централната власт, па оттука неопходна е добра комуникација меѓу централната и локалната власт. Но, оваа комуникација со општина Гостивар досега не се одвиваше како што треба, а ние сме потполно свесни дека сето тоа се случуваше под притисок на ДУИ, кои се на власт речиси 17 години, без да бидат реформирани. Сега како партија, тие го „одживеаја“ своето, треба да одат во опозиција. Алијансата за Албанците има улога да го помогне и придвижи овој процес со победа на следните парламентарни избори, вели тој.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

12.06.2019 - 20:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега