На денешната 80. седница на Собранието, врз основа на предлогот на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања и известувањето од Државната изборна комисија (ДИК), беше верификуван мандатот на новиот пратеник Зекирја Таири од ВРЕДИ. Таири доаѓа на местото на Беким Сали, кој беше именуван за прв вицепремиер и министер за европски прашања.

На почетокот на седницата, по предлог на група пратеници, беа повлечени предлог законите за изменување и дополнување на Законот за полиција и на Законот за внатрешни работи, двата по скратена постапка.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, одреди пауза до 12:30 часот, по која седницата ќе продолжи со работата на неколку комисии.

Во продолжението, пратениците треба да го извршат изборот на Арлинда Кадри-Шахиновиќ и Сузана Јошевска-Анастасовска за членки на Судскиот совет, предложени од претседателката Гордана Силјановска-Давкова.

Исто така, на дневен ред се повеќе предлог закони, меѓу кои:

  • Измените и дополнувањата на Кривичниот законик, во прво читање;
  • Предлог закон за престанување на важењето на Законот за вонсудско спогодување, во прво читање;
  • Измените и дополнувањата на Законот за регистар на задолжително социјално осигурување и на Законот за системот за проценка на лица со попреченост;
  • Предлог закон за задолжување на Република Македонија со заем кај Банката за развој при Советот на Европа, за дополнително финансирање на проектот за изградба на фискултурни сали, сите во прво читање.

Седницата продолжува со разгледување на овие законски предлози и со изборот на новите членки на Судскиот совет.

Exit mobile version