СЗО: Поради короната и карантинот, се` повеќе луѓе умираат од туберкулоза

Бројот на смртни случаи од туберкулоза минатата година се зголемил за прв пат по десет години, објави денеска Светската здравствена организација (СЗО), додавајќи дека има 1,5 милиони смртни случаи.

СЗО верува дека пандемијата на коронавирус е виновна за влошената здравствена состојба.

Во својот годишен извештај за туберкулоза, болест која може да се спречи и лекува, СЗО соопшти дека пандемијата и поврзаните епидемиолошки мерки „го вратиле годишниот глобален напредок“ и предупреди дека бројот на смртни случаи од туберкулоза може да биде „многу поголем“ оваа и следната година.

Во 2020 година, според СЗО, „повеќе луѓе починаа од туберкулоза затоа што многу помалку луѓе беа дијагностицирани и третирани со оваа болест или немаа пристап до превентивна нега во споредба со 2019 година“, кога беа регистрирани околу 1,4 милиони смртни случаи.

Како што се ширела пандемијата во земјите како Индија, Индонезија и Филипините, „човечките, финансиските и другите ресурси“ биле пренасочени од туберкулозата на Ковид-19, ограничувајќи ја достапноста на основните услуги.

Дијагнозата и третманот на туберкулозата се дополнително попречени од „луѓето кои имаат потешкотии да добијат пристап до нега во услови на затворање“, што значи дека бројот на недијагностицирани случаи во светот најверојатно ќе се зголеми од 2,9 милиони пред пандемијата на 4,1 милиони во 2020 година. Бројот на потврдени пациенти во истиот период паднал од 7,1 милиони на 5,8 милиони.

Во септември, Stop TB Partnership објавиле дека веројатно 4,3 милиони луѓе со туберкулоза останале без третман поради пандемијата и предупреди за „речиси сигурна смрт на веројатно половина од тој број“.

 

14.10.2021 - 22:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега