Суспендиран хигиеничарот кој нападна ученик во основно училиште во Битола

 

Директорот на основното училиште „Коле Канински“ - Битола, Зоран Мирчевски потврди дека го суспендирал работникот Ј.Т., служител-хигиеничар во тамошното училиште заради физички напад врз ученик од деветто одделение.

Јавно го осудуваме овој настан, а служителот е суспендиран, посочи Мирчевски.

- Физичкиот напад од страна на служителот врз ученикот се случи викендов, во саботата, кога во училиштето се организираше наставен ден. Како образовна установа веднаш ги презедовме сите мерки, ја известивме полицијата и државниот просветен инспекторат, а повредениот ученик беше однесен во Клиничка болница-Битола на преглед. Очекуваме институционално расветлување на овој настан, рече меѓу другото Мирчевски.

Од СВР-Битола потврдуваат дека настанот се случил во објектот на училиштето и е регистриран по пријава на родителите на ученикот кој бил физички удрен од служителот кому веќе е поднесена прекршочна пријава за нарушување на јавниот ред и мир, додека пак од Клиничка болница-Битола информираа дека ученикот А.С. роден 2003 година, по укажаната лекарска помош во одделението за максило-фацијална хирургија е пуштен на домашно лекување.

 

 

 

16.04.2018 - 15:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа