На денешното рочиште во судницата во „Идризово“ за пожарот во дискотеката „Пулс“, сведокот Драган Ананиев, вработен во Општина Кочани, пред судот појасни дека како општински секретар немал законска надлежност за контрола на инспекциските служби. Тој истакна дека од 2023 година е назначен за главен инспектор, кога било формирано посебно одделение кое ги опфаќа сообраќајната, комуналната, градежната инспекција и инспекцијата за животна средина.

На прашањето кој е надлежен за контрола кога нема раководител на одделението, Ананиев посочи кон првиот човек на општината: „Функционира така што тој што е избран, градоначалникот“, рече сведокот.

Ананиев додаде дека годишните планови за редовни и вонредни контроли, кои се доставуваат до Советот и градоначалникот, се изработуваат од самите инспектори. „Годишните извештаи ги изработуваат инспекторите, а ги потпишува градоначалникот“, појасни тој.

Во текот на испрашувањето од страна на обвинетиот Огњен Георгиев, општински градежен инспектор, сведокот појасни дека општината нема надлежност за документација при основање на правни субјекти. „Нема таква документација што се прима во Општина. За угостителска дејност, општина Кочани има многу мала дадена надлежност. Се води регистар на физички лица, со правни лица немам надлежност. Со приватни само за јавна прометна површина, друга документација не“, изјави Ананиев.

Тој нагласи дека секое пристигнато барање кое не е во нивна надлежност се препраќа до надлежните институции. „Тој не може да постапи, но го препраќаат до надлежната институција. Без разлика дали е внатре или надвор“, рече сведокот.

Претходно, пред судот сведочеше и Александар Јосифов, поранешен секретар на општината (2017-2021), кој потврди дека и во неговиот мандат немало раководител на инспекциските служби и дека тие немале директна одговорност врз нивната работа. Потсетуваме, пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК, однесе 63 животи, а над 200 лица беа повредени.

Exit mobile version