Во судницата во Идризово денеска продолжи судењето за катастрофалниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“. Во својот воведен збор, обвинетиот Александар Нацев ги отфрли сите обвиненија, нагласувајќи дека девет месеци бил жртва на јавен линч и дека обвинението претставува „брутално силување“ на законите.

Одбраната на Нацев тврди дека во текот на постапката ќе докаже оти тој не бил ниту одговорно лице, ниту реален сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, туку само вработен како консултант поради неговата експертиза во безбедноста.

„Морам да констатирам дека дури и Џорџ Орвел би можел да позавиди на ваквата конструкција. Со непобитни докази ќе го укажеме отсуството на каква било вина кај мене. Во време на трагичниот настан, јас воопшто не бев во државата“, изјави Нацев пред судот.

Адвокатот Дејан Стојчев додаде дека агенцијата „Рубикон“ ноќта на пожарот немала никаков договор за обезбедување на објектот, ниту пак вработените биле задолжени да го контролираат бројот на гости или безбедносната опрема. Со денешните излагања завршија воведните зборови, по што започнува доказната постапка со сослушување на оштетените сведоци.

Exit mobile version