Со вкрстено испитување на техничкиот советник на Обвинителството, Милан Ристески, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето за случајот „Онкологија“ против поранешниот директор Нино Васев и уште двајца онколози обвинети за несовесно лекување.

Одговарајќи на прашања од одбраната на Драган Јакимовски, вештакот Ристески појасни дека вештачењето е од 26 јануари 2024 година, а најголем дел се медицински досиеја на пациенти кои биле дадени на вештачење во странство – во Словенија и Србија.

Запрашан дали селектираната документација била комплетна за тие лица, тој одговори потврдно, но додаде: „тоа што е спакувано и како не знам“, бидејќи пакувањето не го правел тој. Тој потврди и дека во документацијата имало пациенти и на други доктори.

Поради ова, судот го задолжи вештакот во рок од 15 дена да достави писмено известување за тоа дали постои техничка грешка во изготвените извештаи која се однесува на имиња на доктори или терапија внесени во налогот и заклучокот.

Претходно, вештакот одговараше на прашања од одбраната на обвинетата Симонида Црвенковска околу препораките од американските и европските онколошки здруженија (ФДА, АСЦО и ЕСМО) за методите на лечење.

„Препораките се жива и променлива категорија и се темелат на резултати од клинички студии, но и од стекнатите искуства на онкологот“, посочи вештото лице.

Според него, препишувањето неделотворни лекарства довело до штета на буџетот, но потврди дека обвинетата Црвенковска не е опфатена во тој дел од извештајот. Тој не можеше да потврди дали лекот „ерлотиниб“ бил донација или остаток од други пациенти, додавајќи дека изворот на лековите не бил предмет на вештачењето, туку оправданоста на нивното давање.

Следното рочиште е закажано за 15 јуни, кога Обвинителството треба да ги обезбеди преостанатите неиспитани сведоци. Судот информираше дека досега се испитани сите оштетени за кои имало лични документи, по што ќе следува сослушување на техничкиот советник на одбраната.

Во овој процес, поранешниот директор Нино Васев и онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски се обвинети за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување на 47 пациенти со неподобни терапии. Второобвинетата Мери Пешевска претходно ја призна вината и доби две години условна казна затвор.

Случајот го води судијката Снежана Марковска, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Марија Ѓоргева од ОЈО – Скопје.

Exit mobile version