На денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“, одржано во судницата во „Идризово“, сведочеше Драги Илиевски од Општина Кочани. Тој откри дека локалната самоуправа навремено алармирала до Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) да не се издава лиценца за објектот, бидејќи истиот се наоѓал во индустриска зона каде угостителска дејност е строго забранета.
„Зоните не можат да се менуваат. Целиот тој локалитет е лесна и незагадувачка индустрија Г2. Ние го поништивме известувањето за паркинг кога дознавме дека таму ќе се отвара дискотека“, истакна Илиевски.
Според сведокот, тогашниот градоначалник Ратко Димитровски побарал информација од Министерството за економија за лиценцата на фирмата „Класик ДМ“, но откако не добиле одговор, испратиле допис до ДПИ со барање да не се дозволи работа на клубот. На прашањето како дознале за намерите на инвеститорот, Илиевски одговори дека „се зборувало низ градот“.
Одбраната на првообвинетиот, пак, посочи дека во системот нема потврда дека сопственикот го примил решението за поништување на паркингот. Судењето за трагедијата од 16 март 2025 година, во која загинаа 63 лица, продолжува со сослушување на дополнителни сведоци.


