Во Судот во Идризово денеска продолжува судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. На ова рочиште се очекува одбраната да се произнесе за вина и да даде воведни зборови.

На минатото рочиште, обвинителот Борче Јанев во воведниот говор истакна дека се бара правда како последица на незаконитост и „одговорност по име и презиме за тоа кој дозволил, кој молчел и кој не ја спречил трагедијата“.

„Не е важно само кој го запалил огнот, важно е кој имал кофа вода и не ја истурил“, порача Јанев.

Обвинителството тврди дека катастрофата не е само резултат на пиротехниката, туку на години институционален молк, пропусти и недостиг од контрола.

  • Дискотеката „Пулс“ била „смртоносна стапица“ од почетокот: работела без противпожарен систем, со затворени прозорци, лесно запаливи и токсични материјали (сунѓери на плафон) и само еден излез за евакуација.
  • Во критичната ноќ бил дозволен неконтролиран влез на над 600 гости, вклучувајќи и деца.
  • Обвинителството нагласи дека сите обвинети, како службени лица, го наследувале и прифатиле молкот како службен протокол, не излегувајќи од „индолентниот бирократски канал“.

Осум месеци по несреќата, на обвинителна клупа седнаа 37 обвинети (34 физички и 3 правни лица), меѓу кои сопственици на локали, инспектори, поранешни градоначалници и државни службеници. Судењето го води судијката Диана Груевска Илиевска.

Истовремено, се водат и посебни постапки против полицајци и група вработени во УЈП за мито и злоупотреби поврзани со незаконското работење на дискотеката.

Exit mobile version