На денешното рочиште за случајот „Пулс“, поранешниот кочански градежен инспектор Огњан Георгиев (68), кој е обвинет за тешки дела против општата сигурност, побара да му биде вратен неговиот мобилен телефон, одземен како доказ во истрагата.

Георгиев пред судот нагласи дека уредот е негов единствен телефон и дека и натаму ги плаќа месечните сметки за него.

„Имам едно барање до ЈО, барам да ми се врати мојот мобилен телефон затоа што јас друг телефон немам. Мојот телефон е ’чист‘ со гаранција, немам никакви доказни материјали бидејќи сум немал никакви контакти со обвинетите, рече Георгиев.“

Неговиот адвокат, Зоран Зафировски, го оспори обвинението, тврдејќи дека Обвинителството погрешно ги толкува надлежностите на градежните инспектори.

„Инспекторите немаат овластување да запечатуваат објекти, ниту да интервенираат во управувањето со урбанистички планови.

Георгиев немал налог за вонредна контрола и никој не побарал од него да спроведе дополнителен надзор“, истакна Зафировски.

Одбраната смета дека во случајот „Пулс“ не се работело за пренамена од деловен во станбен простор, туку за пренамена „деловен во деловен“, со што инспекторот немал законска обврска да преземе мерки.

Адвокатот дополнително побара судот да утврди дали постои временска рамка во која делото сѐ уште може да се гони, бидејќи Георгиев го вршел својот инспекторски мандат од 2005 до 2021 година.

Зафировски инсистира дека делото не може да се квалификува како сторено со умисла, туку евентуално со пропуст или небрежност.

Exit mobile version