Утрово најниската температура во земјава е измерена во Берово, каде што живата во термометарот се спушти на -8 степени Целзиусови. Минусни температури се регистрирани речиси насекаде, со исклучок на Попова Шапка каде што е измерена температура од 0 степени, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Според податоците на УХМР, -6 степени се измерени во Скопје-Петровец, додека во Струмица, Битола, Крива Паланка, Штип, Прилеп и Демир Капија температурата изнесувала -5 степени. Во Скопје-Зајчев Рид, Тетово, Велес, Кавадарци и Виница се измерени -4 степени, а во Охрид, Претор, Куманово и Маврови Анови -3 степени. Најблаго било во Гевгелија и Крушево, каде што температурата се движела околу -1 степен.

За денеска, од УХМР најавуваат претежно сончево време со мала до умерена локална облачност. Ќе дува засилен, а повремено и силен северен ветер, со брзина која на одделни места ќе надмине 60 километри на час. Максималните дневни температури ќе се движат од 4 до 10 степени Целзиусови.

Во Скопје се очекува сончево време со мала облачност и умерен северен ветер, кој повремено ќе биде засилен во одредени делови од котлината. Максималната температура во главниот град ќе достигне до 7 степени Целзиусови.

Exit mobile version