Стопанската комора во наредните денови организира и учествува на повеќе настани посветени на финансискиот сектор, дигиталната трансформација, локалниот развој и регионалната економска соработка.

Денеска ќе се одржи регионалната конференција „MicroBalkans“, чија цел е поврзување на микрофинансирањето, небанкарското кредитирање, финтек-индустријата и финансискиот сектор. Годинешното мото е „Што треба да се промени во начинот на размислување за кредитирањето“, а на конференцијата ќе учествуваат претставници на регулаторните тела, банките, небанкарските финансиски институции, финтек-компаниите и меѓународните финансиски организации.

Утре во Стопанската комора ќе се одржи и состанок со градоначалници од поголемите општини, на кој ќе се разменуваат искуства за функционирањето на локалната самоуправа и регионалните бизнис-организации. Ќе се разговара и за иницијативата за усогласување на регионалните комори со осумте плански региони во земјава.

На состанокот ќе биде претставена и дигиталната платформа „MyCivic“, која е наменета за подобрување на комуникацијата меѓу граѓаните, локалната власт, администрацијата и јавните претпријатија.

Истиот ден ќе се одржи и „Industry Meetup“, организиран во рамки на ДИГИТМАК. На настанот ќе биде претставен Европскиот дигитален иновациски хаб ДИГИТМАК, како и услугите за компаниите во областа на дигитализацијата, современите технологии и примената на вештачката интелигенција.

Стопанската комора најавува и учество на регионални економски настани. На 30 септември во Цетиње ќе се одржи состанок на министрите за економија од земјите од Западен Балкан, посветен на регионалната економска интеграција, Заедничкиот регионален пазар и реформската агенда во рамки на Берлинскиот процес.

На 1 октомври во Будва ќе се одржи „Бизнис-платформа ЕУ – Западен Балкан 6“, на која ќе учествуваат претставници на деловната заедница, институциите на ЕУ и креаторите на политики од регионот. Во фокусот ќе бидат економската интеграција, подобрувањето на деловното окружување, трговската размена и инвестициите меѓу Западен Балкан и Европската Унија.

Exit mobile version