Стопанската комора бара веднаш да продолжи соработката со новата Влада

Стопанската комора на Македонија бара од новата Влада веднаш, без протоколи и административни лаваринти, да продолжи соработката со цел да се утврдат приоритетите во економијата кои одговараат на реалноста.

Го поздравуваат, како што посочуваат во денешното соопштение, потегот на премиерот и економскиот тим на новата Влада денеска во 14 часот да ја посетат Стопанската комора на Македонија.

– Старо-новиот премиер веќе има искуство на таа значајна функција и докажа дека знае да креира стратешки решенија за големи и за тешки прашања на политички план, па сигурни сме декасега економијата ќе го добие централното место.Составот на новата Влада во економските сектори има решенија кои нам ни се добро познати и со кои во минатото сме соработувале. Ова значи дека нема потреба од запознавање – соработката може да продолжи веднаш, што е голема предност бидејќи времето во овие околности е најзначајниот фактор, се вели во соопштението од Комората.

Бизнис заедницата посочува дека економската и здравствената криза ги намалила таргетите и оти потребен е зголемен степен на координација на активностите на Владата и приватниот сектор и имплементација на решенија со кои би се задржале работните места и би се одржувала економијата во живот, а притоа да се води грижа за здравјето на граѓаните.

– Комората е длабоко свесна дека треба да биде носител на процесот во кој на дело ќе докажеме дека како реален сектор не само бараме, туку сме подготвени и да дадеме, да понесеме секаква жртва, за да ја надминеме оваа најтешка криза што е пред сите нас. Приватниот сектор го дели мислењето на Владата дека треба првично да се заштитат животите на граѓаните, но паралелно треба да се штитат и бизнисите кои единствено можат да обезбедат егзистенција на населението. Ние не сме луѓе кои водиме сметка само за сопствените интереси, туку се грижиме за зачувувањето на работните места.Покажавме дека сме подготвени да се заложиме за општото добро и остануваме на тие позиции, велат од Комората.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

31.08.2020 - 08:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа