Столтенберг: НАТО ја зголеми поддршката за БиХ, Грузија и Молдавија

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска во Букурешт изјави дека министрите за надворешни работи на членките на Алијансата се согласиле да ја зголемат поддршката за Босна и Херцеговина, Грузија и Молдавија, како важни партнери кои се соочуваат со рускиот притисок.

На прес-конференцијата по третата и последна седница на Северноатлантскиот совет на дводневниот состанок во Букурешт, Столтенберг рече дека научената лекција од руската војна во Украина покажува дека е важно на време да се поддржат трите партнерски земји.

На третата седница, на која на министрите на членките на НАТО, Шведска и Финска им се придружија и шефовите на дипломатиите на Босна и Херцеговина, Грузија и Молдавија, стана збор за заеднички безбедносни грижи и начини за зајакнување на соработката, рече Столтенберг.

„Сојузниците се согласија да ја засилат поддршката за тие земји, вклучително и градење безбедносни капацитети, реформи и обука за подобрување на безбедносните и одбранбените институции“, рече Столтенберг.

Тој додаде дека Босна и Херцеговина е важна за стабилноста на Западен Балкан, потсетувајќи дека НАТО е присутен во регионот од 1990-тите и дека придонел за запирање на бруталната етничка војна.

Што се однесува до Грузија, Столтенберг рече дека сојузниците ја потврдиле поддршката за суверенитетот и територијалниот интегритет на таа земја, како и потребата од спроведување на демократски реформи.

Столтенберг изјави и дека денеска министрите се занимавале и со долгорочните предизвици што ги поставува Кина за интересите, вредностите и безбедноста на НАТО, како и за натамошното зајакнување на отпорноста на Алијансата.

„Министрите денеска разговараа за амбициозниот воен развој на Кина, нејзиниот технолошки напредок и се поголемите сајбер и хибридни активности“, рече Столтенберг.

Тој додаде дека војната во Украина „ја покажа опасната зависност“ на Западот од рускиот гас.

„Ова треба да не наведе да ја оцениме нашата зависност од други авторитарни режими, не само од Кина. Се разбира, ќе продолжиме да тргуваме и да соработуваме економски со Кина. Но, мора да бидеме свесни за нашите зависности, да ја намалиме нашата ранливост и да управуваме со ризиците“, рече Столтенберг.

Министрите на членките на НАТО, како и на Шведска и на Финска, чиј влез во алијансата се очекува наскоро, синоќа на работна вечера разговараа со шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеб за итните потреби на неговата земја и долгорочната поддршка за Киев, рече Столтенберг.

„Сојузниците јасно ставија до знаење дека нашата континуирана воена поддршка за Украина е од клучно значење, првенствено дополнителна противвоздушна одбрана. Сојузниците, исто така, најавија дополнителни придонеси за сеопфатниот пакет помош за Украина, вклучувајќи гориво и генератори“, рече тој.

Запрашан зошто на Украина не и е овозможен брз влез во НАТО, Столтенберг рече дека тоа е предуслов таа земја да опстане.

„Ние ѝ помагаме на Украина да преживее, со оружје, муниција, нафта и сè друго што е потребно за одбрана. Во исто време, даваме поддршка и за Украина во транзицијата од советска опрема во онаа што е во согласност со стандардите на НАТО. “, рече генералниот секретар на НАТО.

30.11.2022 - 16:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега