Во вчерашната емисија „Став на регионот“ на телевизија Њузмакс Балканс, гостуваше пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски, кој во фокусот го стави Буџетот за 2026 година со рекорден износ од 6,7 милијарди евра, при што нагласи дека се обезбедени повеќе средства за плати и пензии како и реална сума за капитални инвестиции, со кои државата ќе продолжи да се развива.

„Тоа е документ којшто е реален и нуди решенија за проблемите на граѓаните и со кои што ние ја даваме конкретната слика за нашата економска филозофија, а тоа е реализација на капитални инвестиции, повеќе пари за плати, повеќе пари за пензии, нови училишта, спортски игралишта нови болници, развивање на инфраструктурата. И тоа што сметаме ние дека е важно е секако финансиска консолидација, нешто што и беше клучно потребно на нашата држава“, рече Стојаноски.

Стојаноски во своето гостување истакна дека буџетот претставува реално планирање засновано на досегашните резултати, односно буџет кој ќе обезбеди континуиран економски раст, капитални инвестиции и подобрување на животниот стандард на граѓаните.

„Она коешто е важно и коешто граѓаните треба да го знаат, сме успеале да обезбедиме повеќе средства и за повисоки плати, пензии и една сума којашто е реална за реализација на капиталните инвестиции, бидејќи сметаме дека оваа држава треба на тој начин да се развива. Она коешто е важно имаме проектирано и повисок раст на БДП, којшто е по основ на досегашниот раст од кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, 4 квартали имаме над 3% раст, дефицитот е намален за 0,5%, и што ни дава можност да веруваме дека ова е едно реално планирање на овој програмски документ. По основ на тоа што е планирано и реализирано оваа година, затоа имаме испланирано за оваа година 660 милиони евра за капитални инвестиции, за зрели проекти, проекти кои се веќе во реализација и ќе се потпреме на оние проекти во општините кои државата ги финансира, а сега се во полн ек на реализација“, рече Стојаноски.

Exit mobile version