Стојаноска: Решението за излез од кризата е брзо и лесно – Тоа се избори!

Власта да собере храброст, да го послуша барањето на граѓаните и да излезе на избори, изјави на денешната прес конференција Дафина Стојаноска пратеничка од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Како што изјави таа, оваа власт, предводена од СДСМ и ДУИ, може да опстои само во хаос, безредие и беззаконие. Единствено, што најдобро знаат да го прават, е да наоѓаат изговори за својата неспособност и да ја дефокусираат јавноста, создавајќи нови национални проблеми.

Таа додава дека токму заради ова, граѓаните ја пратија својата порака и ги казнија политиките на владата на Заев, декласирајќи ги на последните локални избори.

На тој ден СДСМ и ДУИ го изгубија легитимитетот, а од поодамна и кредибилитетот во владеењето, изјави Стојаноска

Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека на сите им е јасно дека не постои никаква безбедносна криза по прашањето за спорот со Бугарија. Единствената криза постои само во владата на СДСМ и ДУИ, колабирана од неспособност, неодговорност и корупција.

Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека Груби и владата ја втурнуваат Македонија во вештачка криза, со издигнување на спорот со Бугарија на ниво на безбедносно прашање. Спорот со Бугарија не е безбедносно прашање, ниту пак спор од безбедносен карактер.

Овој обид на Груби и на власта – да градат на оваа теза преговори, е поразителен за државата. Македонија е земја – членка на НАТО и со ова сите наши безбедносни прашања се затворени. Во рамки на границите на Република Македонија има Министерство за внатрешни работи, кое ја чува или треба да ја чува нашата безбедност, изјави Стојаноска.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ испрати порака до власта да соберат храброст и овојпат да ја послушаат желбата на граѓаните која јасно била изразена на локалните избори во Октомври. Таа додаде дека решението за излез од кризата е брзо и лесно, а тоа се избори.

30.11.2021 - 12:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега