Дозволете од името на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа АПИС да ја поздравам оваа јавна расправа за Предлог закон за игри на среќа и забавни игри, заведен под архивски број на Владата 57-4436/5, a доставен до законодавниот дом на 14.05.2026 година. За жал претходно, во процесот на подготвување на текстот, немавме можност да дадеме свој придонес за креирање регулатива за игри на среќа, која од една страна ќе даде одговори на грижите на граѓаните, но од друга страна ќе обезбеди решенија кои се одржливи на долг рок.
Едноставно, овој предлог закон е предложен набрзина, не беше закачен на ЕНЕР и затоа асоцијациите и вработените, кои се првата линија на спроведување на актуелниот закон, кој патем е еден од најстрогите во регионот и пошироко, не можеа да дадат свој осврт и експертиза за предложените одредби.
Затоа, како адвокат, мојата дискусија по повод овој Предлог закон, најмногу ќе ја посветам на оние одредби кои имаат сериозен правен потенцијал да предизвикаат уставно правни проблеми.
Почитувани,
Долго време во општеството е отворено прашањето што треба државата да стори за да се намали бројот на обложувалници, автомат клубови и казина. Од една страна државната каса на годишно ниво инкасира повеќе од 350 милиони евра, но од друга страна различните политички структури кои владеат во последните десетина години се редовно под притисок на критичката јавност која бара целосно затворање на игрите на среќа.
Жестоките критичари го наметнуваат мислењето дека младината во моментот е изложена на искушенија за стекнување зависност од игрите на среќа, затоа што излозите, според нивното толкување, им создаваат магнетна привлечност и наводно ги привлекуваат да влегуваат во легалните објекти. Многу често се користи формулацијата дека Скопје заради светлечките реклами на игрите на среќа наликува на Лас Вегас.
Актуелната Влада, како и оние претходно, не е имуна на овој жесток и постојан притисок и затоа предложи нов закон за игри на среќа кој во суштина не е закон за дополнителна регулација на игрите на среќа, туку е закон за затворање легалните објекти, што наместо да ја заштити младината ќе ја направи да стане лесна мета на диви играчници по подруми. Се создава впечаток дека брзањето да се донесе закон кој на краток рок некому ќе му донесе брзи политички поени, ја занемарува суштината. Младината не ја загрозува бројот на легални објекти, туку политичко-
етничкиот инженеринг чија цел во основа е да го нахрани популизмот.
Одговорно тврдиме дека приредувачите на игри на среќа немаат никаков интерес да привлекуваат млади во своите објекти. Зарем, критичарите навистина веруваат дека приредувачите на игри на среќа сакаат да профитираат или да се збогатат од скромниот младински џепарлак, што вообичаено младите тинејџери го добиваат од родителите? Тоа е комплетна илузија.
Доволно е да се следи примерот со Албанија. Нивниот премиер се откажа од четиригодишната забрана на игрите на среќа заради масовно отворање на играчници на црно и големи буџетски финансиски загуби. За жал, се уште се борат со последиците од погрешната одлука.
Што содржи новиот македонски предлог закон за игри на среќа?
Се актуелизира одредбата за воведување дистанца од 500 метри на објектите за приредување игри на среќа од училишта, се забранува секаков вид на медиумско рекламирање на приредувачите и се намалуваат светлечките реклами на големина од 100 сантиметри ширина и 30 сантиметри должина. Анализите укажуваат сериозен потенцијал за покренување уставно правни прашања.
Да анализираме едно по едно.
Концептот на дистанца во предлог законот наметнува исклучок, но не можеме да избегнеме од впечатокот дека се промовираат решенија кои се тотално нелогични.
Имено, неразбирливо е зошто дистанцата важи за казината, кои речиси сите се сместени во хотелски комплекси, во нив се приредува таканаречена „жива игра“ и најважно од се’, во ниту едно казино не се влегува без претходна задолжителна регистрација.
Со темелните вредности на Македонскиот Устав, но и во членот 55 во главата 4 – „Основи на економските односи“, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Државата мора да обезбеди еднаква правна положба на сите субјекти за пазарот и не може да ги ограничи слободата на пазарот и претприемништвото освен ако не е загрозена одбраната на Републиката, зачувувањето на животната средина, природата или здравјето на луѓето.
Доколку предлагачите на законот навистина сметаат дека игрите на среќа се штетни по
здравјето на луѓето, тогаш тоа мора да го докажат во правосудна постапка и потоа целосно да ги забранат. Вака, со дистанцирање 500 метри од училишта се прави противуставна дискриминација, и тоа на урбанистичка околност која не е фиксна.
Имено, 500 метри во 2026 не значи дека ќе биде 500 метри и во 2028 година. Било која Општина може да одлучи да гради училиште на помалку од 500 метри од постоечки автомат клуб или казино и со тоа да создаде правна претпоставка за затворање.
Уште повеќе што дистанцата од училишта не важи и за кафулиња, ресторани и тобака
каде младината по истата логика (преку очи и магнетна привлечност на светлечките украсени излози) може да стекнува зависност од алкохол и никотин. Доволен е
примерот во Општина Центар, каде на „Боемската улица“ има основно училиште каде ученици од школскиот двор секојдневно се соочуваат со кафеанските обичаи.
Најголем фаул на дистанцата прави одредбата од предлогот на Владата со кој
државата го задржува правото да организира онлајн игри на среќа. Едноставно, се губи
смислата на мерката за наводна заштита на младината кога преку мобилните телефони и интернетот тие ќе бидат изложени во секое време на онлајн игри на среќа.
Забраната за медиумско рекламирање е парадоксална, затоа што истата не се однесува и не важи за рекламите на спортската опрема и рекламите на спортските терени на називите на приредувачите на игри на среќа. Тоа значи дека кога на медиумите ќе се врши пренос на фудбалски, ракометен натпревар или спортски
автомобилизам целокупната јавност ќе се соочува со рекламите на дресовите и називите на приредувачите на игри на среќа, ама за истите медиуми ќе важи забрана според која нема да може самите комерцијално да издаваат рекламен простор за овој економски сектор. Ова е повторно правен потенцијал за противуставна дискриминација.
На пример, во октомври 2024 година Врховниот Суд на Шпанија ја укина забраната за
рекламирање игри на среќа преку ТВ и интернетот. Пресудата ги истакна приоритетите
за регулаторите во ЕУ. Судот заклучи дека забраната нема правна и уставна основа и
наложи да се најде рамнотежа меѓу загарантираната слобода на деловното работење
на приредувачите на игри на среќа и заштита на потрошувачите – играчите. Истиот Суд
како повреда на слобода на говорот ја оцени и ја укина забраната за познатите
личности (инфлуенсери) да рекламираат игри на среќа.
Оттука, министерството за финансии како овластен предлагач на новиот Предлог закон
за игри на среќа на Владата треба сериозно да го земе предвид потенцијалот на
оспорување на клучните одредби пред Уставниот суд што секако може да предизвика
тужби кои драматично би го оштетиле буџетот на државата.
Конечно, сакам на крајот од оваа моја дискусија да проговорам за давачките кои
приредувачите на игри на среќа ги имаат во моментот, согласно актуелниот закон кој
сега се применува.
Сметам дека е во интерес и на јавноста и на дел од пратениците да ја отворам оваа
тема, бидејќи не ретко сакаат да зборуваат за некакви наводни астрономски профити
на приредувачите без притоа да се имаат сите финансиски параметри во предвид.
Имено, приредувачите на игри на среќа имаат законска обврска за плаќање посебна
давачка во вкупен износ од 23%, од кои 1,5% одат за потребите на јавното здравство и
1,5% за потребите на министерството за млади и спорт, а останатите 20% директно се
слеваат во централниот Буџет. Казината и автомат клубовите дополнително плаќаат
годишно и за секоја лиценца која на приредувачите на игри на среќа во строго
дефинирана процедура им ја издава Министерството за финансии, а конечно ја
одобрува Владата. Како правни лица плаќаат и годишен данок на добивка по стапка
од 10%. Плус за секоја поединечно остварена добивка од играње имаат обврска да
платат 15% данок на истата. Плаќаат плати за вработените и придонеси од работен
однос (со двојни дневници за работа во недела, празници, ноќен труд и сменско
работење, бидејќи работното време е 24/7), за најмалку 10 илјади вработени.
Државниот буџет се полни и преку оданочување на закупнини на деловни простории,
ДДВ преку купување опрема, мебел, надоместоци за струја и давање угостителски
услуги, со кои се подржуваат меѓу 54 до 100 илјади други работни места надвор од
секторот игри на среќа. Конечно, приредувачите на игри на среќа плаќаат огромни
суми на ДДВ, но се исклучени од правото да бараат поврат на истото.
Кога ќе се сумираат приходи и расходи, за нив останува 10% од кои треба да ги
покријат трошоците за инвестициите и да остварат заработка што е основна цел на
секој бизнис.
Да резимирам, приредувачите на игри на среќа преку 11 различни основи го полнат
државниот буџет годишно со повеќе од 350 милиони евра.
Голем дел од членките на АПИС се странски инвеститори кои целата годишна добивка
остварена во Македонија ја ре-инвестираат во Македонија. Тоа се факти кои треба да
се земат предвид тогаш кога некој се обидува политички да профитира врз нивниот
грб.
Членките на АПИС постојано манифестираат високо ниво на општествена одговорност
преку поддршка и реализација на различни донаторски и хуманитарни проекти од
областа на јавното здравство, културата, спортот и НВО секторот. И во најтешките
моменти за државата како ковид кризата капацитетите беа ставени на располагање и
не беше отпуштен ниту еден вработен.
Зошто го кажувам ова?
Игрите на среќа се единствениот легален бизнис во државата кој е регулиран и
лиценциран во супер строги процедури, а на кој истовремено, со сторување или
несторување, односно со гласност или со молчење на сите приредувачи им се
нанесуваат тешки штети на корпоративниот имиџ, третирајќи ги како најголеми
општествени штетници. Ова не е обична негативна кампања, туку смислен проект да се
шири неоснован страв со цел некој после да профитира од новонастанатите состојби.
Пратениците од сите политички партии треба знаат дека овој предлог закон е крстопат.
Ако го изгласаат во оваа форма Македонија со сигурност ќе се врати во 90-те години на
минатиот век. Ќе почнат да никнуваат нелегални играчници на секој чекор, државата
ќе нема никаква контрола, а младината ќе стане лесен таргет.
Доколку пак ги прифатите нашите аргументи, подготвени сме веднаш да учествуваме
во мешовита работна група која во кус рок ќе изработи ново законско решение по
европски и светски стандарди за игри на среќа, кое ќе биде одржливо и спроведливо
во пракса.


