Ноќеска на белградскиот аеродром пристигна авион на „Ер Србија“ со 67 патници евакуирани од Израел. Летот беше реализиран преку египетскиот град Шарм ел-Шеик, кој послужи како попатна станица за безбедно полетување.

Покрај српските државјани, оваа операција опфати и граѓани од регионот, вклучувајќи патници од Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Словенија, Црна Гора и Хрватска. Целата евакуација по воздушен пат беше координирана од Министерството за надворешни работи и Владата на Србија, со цел да се извлечат луѓето кои останаа заглавени по почетокот на воените дејствија во регионот.

Државниот секретар во српското МНР, Дамјан Јовиќ, ја истакна регионалната димензија на овој чин:

„Настрана од хуманитарното прашање, Србија со ова сака да испрати порака оти сака најдобри и најблиски односи со своите соседни земји – Црна Гора, Северна Македонија, Босна и Херцеговина.“

Според официјалните податоци од македонското Министерство за надворешни работи, досега вкупно 473 македонски државјани побарале помош за евакуација од почетокот на конфликтот на Блискиот Исток.

Exit mobile version