Стевановиќ: За разлика од претходно, пациентите на Инфективна сега доаѓаат со полесни симптоми

Со препораки или без препораки, со високи или ниски рестрикции, ако одлучиме да не ги почитуваме препораките, а притоа никој не санкционира, бројот на заболени од ковид-19 ќе биде ист, вели директорката на Клиниката за инфективни болести во Скопје, Милена Стевановиќ.

Во емисијата „Топ Тема“ на Телма, таа рече дека несериозно е да се тврди дека во следниот период ќе нема нови пациенти на Клиниката, но потенцира дека капацитетите не се исполнети, ниту на оваа клиника ниту на останатите каде се лекуваат пациенти со ковид.

Стевановиќ посочува дека за разлика од претходно, кога најчесто на Клиниката доаѓале пациенти во исклучително тешка состојба, препратени од другите одделенија или донесени со Брза помош, сега тоа се болни со полесни симптоми, бидејќи преку матичните лекари во корелација со инфектолозите од Клиника, редовно се следат симптомите на пациентите и нивното евентуално влошување. За ова голем придонес, според д-р Стевановиќ, имаат апелите, пред се, пренесени преку медиумите.

„Стравувањето го чини своето, овие информации мислам дека стигаат се поинтензивно до луѓето, па неретко доаѓаат пациенти кои имаат далеку полесна симптоматологија и дури и немаат потреба да бидат хоспитализирани. И тоа е добро, затоа што тоа значи дека луѓето почнуваат сериозно да ја сфаќаат работата, иако мислам дека и досега тоа требаше да се случи и да бараат помош. Многу е значајно лекарско око да го следи пациентот кој има ковид-19“, вели д-р Стевановиќ.

Во моментов на Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани 75 пациенти, немаат пациент кој е на механичка вентилација, а има двајца пациенти кои користат машина, но не со интубирање.

„Од 75-те хоспитализирани, 25 пациенти имаат потреба од интензивна терапија со кислород, пред се, поради промените на нивните бели дробови и воспаленијата што ги предизвикува ковид-19. Дали оваа бројка ќе биде и утре таква, не можам да кажам. Дали некому ќе му се влоши здравствената состојба, исто така не можам да кажам, бидејќи неретко тоа се случува многу нагло и брзо. Исто така, може да има и подобрување. Секој ден е нова информација и нова состојба на одреден пациент“,   вели д-р Стевановиќ.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

10.06.2020 - 08:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега