Стевановиќ: Кога би се однесувале соодветно од продавница до попис нема да имаме никакви проблеми

Почитувањето на мерките е стожерот во спречувањето на ширењето на коронавирусот, вели директорката на Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби – Скопје, Милена Стевановиќ, која во интервју за МИА, посочи дека сепак зголемениот број на случаи изминатиот период се должи и на британскиот сој, кој полесно се пренесува.

Според неа, одговорноста за зголемување на новозаболените, чија бројка на дневно ниво во билтените на Министерството за здравство достигнува над 900 случаи, ја има и високиот процент од околу 70 отсто на асцилирање на британскиот сој.

Стевановиќ нагласува дека болничките капацитети се практично пополнети, поради што е отворена и модуларната болница, но напоменува дека засега состојбата е стабилна со оглед на тоа што има постојан испис, а потоа упис на новопримени пациенти кои имаат потреба од болничко лекување.

За пописот, кој треба да почне на 1 април, Стевановиќ нагласува дека е донесен Протокол, во кој детално се обработени мерките и кој, како што рече, обезбедува апсолутно сигурни услови за спроведување на операцијата.

Протоколот за превентивни мерки при спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите 2021 година беше усвоен од Владата на 2 март, на предлог на Комисијата за заразни болести, во која членува и Стевановиќ.

– Колку што јас го знам, а го знам до детали протоколот и гарантирам негова ефикасност во смисла на обезбедувањата, не можам да предвидам колку од луѓето стравуваат или не стравуваат и дали би ги пуштиле попишувачите или не секако, но исто така верувам дека ако се плашат граѓаните, можеби сега, знаете како е, сепак зборува – еден бел мантил тука кој 13 месеци се бори со Ковид-19 и имаше прилика да види различни состојби. Ако граѓаните се плашат толку колку што барем ни се презентира дека се плашат од Ковид инфекцијата немаше да имаме ние толкави бројки. Навистина сметам дека нашето однесување мораме да го донесеме до максимум сериозен однос кон ширењето на инфекцијата и ако се придржуваме до се нема да има проблем ниту за попис, ниту за какво било ширење од друг извор, можен извор или ризик на инфекцијата. Повеќе од сигурна сум дека кога би се однесувале соодветно секаде од продавница до попис, нема да имаме никаков проблем, вели Стевановиќ во интервјуто за МИА.

За текот на вакцинацијата, која почна со Спутник V, како и ревакцинацијата со Фајзер кај здравствените работници зборувавме со Стевановиќ во интервјуто за МИА, потенцира дека засега нема пријавено некои поголеми несакани ефекти од двете вакцини. Имало алергиски реакции, но навремено и соодветно се реагирало. Таа вели дека вакцинацијата е добро организирана и засега тече без проблеми, но предупредува дека со примањето на вакцината не значи дека граѓанинот е веднаш заштитен. Секоја вакцина е различна и оние што ги имаме моментално и оние кои се очекуваат, потребен е различен временски период за да се стекне имунитетот, а Стевановиќ апелира секој што ќе прими вакцина да продолжи да ги почитува мерките.

– Ние сме сведоци на известувања од целиот свет каде што е почнат процесот на вакцинација дека има голем број на луѓе кои после давањето на првата вакцина пројавиле симптоми и биле позитивни. Тоа само значи дека не се дочувале во периодот по вакцинирањето и не ги применувале мерките, вели Стевановиќ.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

13.03.2021 - 10:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега