Сите детски градинки на територијата на Општина Гази Баба се опремени со прочистувачи на воздух, соопшти градоначалникот Бобан Стефковски.

Според него, оваа мерка се презема со цел да се обезбеди подобра и соодветна средина за престој на најмладите во предучилишните установи.

Во продолжение е целосната објава на градоначалникот Стефковски:

„ЧИСТ ВОЗДУХ ЗА НАШИТЕ НАЈМЛАДИ – СЕ ГРИЖИМЕ ЗА СЕКОЕ ДЕТЕ!

Обезбедивме прочистувачи на воздухот во сите детски градинки на територијата на Општина Гази Баба, затоа што здравјето и безбедноста на нашите најмлади се наш апсолутен приоритет.

Децата поминуваат голем дел од денот во градинките, а наша обврска е да им обезбедиме чиста, здрава и безбедна средина во која ќе растат, учат и се развиваат.

Со поставувањето на прочистувачите создаваме подобри услови за престој и дополнително го унапредуваме квалитетот на грижата за децата во нашите предучилишни установи.

Продолжуваме да инвестираме не само во нови градинки и поголеми капацитети, туку и во подобар квалитет на условите во секоја градинка.

За нас, грижата за децата не е само збор – таа значи конкретни мерки, инвестиции и дела кои го подобруваат нивното секојдневие.

Чист воздух. Здрава средина. Безгрижно детство!

Се грижиме за секое дете!“, напиша Стефковски.

Exit mobile version